По спорните избори, пратениците на пакистанскиот парламент положија заклетва

Протест на опозициските партии кои тврдат дека парламентарните избори се украдени, Кета, 28 февруари 2024 г.

Новосвиканиот долен дом на пакистанскиот парламент ја одржа својата прва седница во четвртокот на која новоизбраните пратеници положија заклетва, три недели по изборите кои беа одбележани со обвинувања за кражба.

Долниот дом на парламентот, Националното собрание, в петок ќе избира нов спикер и негов заменик, додека премиерот ќе биде избран во понеделник на 4 март.

На гласањето на 8 февруари, кандидатите поддржани од затворениот поранешен премиер Имран Кан освоија најмногу места, но недоволно за да имаат простото мнозинство потребно за формирање влада.

Видете и ова: Протести во Пакистан поради изборните резултати додека продолжуваат да течат разговорите за идната влада

Кан (71), поранешна суперѕвезда на крикет, која беше премиер од 2018 до 2022 година, и понатаму ужива голема популарност, но е во затвор откако беше осуден по повеќе обвиненија за корупција и нема да може да извршува јавна функција во следните десет години.

Кан ги отфрли обвиненијата како политички мотивирани. Тој беше соборен со гласање за недоверба за кое вели дека било организирано од моќната пакистанска војска.

Владата ги суспендираше услугите за мобилни телефони и интернет за време на изборниот ден во многу делови од земјата. Министерството за внатрешни работи соопшти дека тоа е направено заради обезбедување безбедност.

Пратениците од партијата на Кан Пакистанско движење за правда (Pakistan tehrik-e insaf – PTI) извикуваа „Крадец на гласови!“ кога Шехбаз Шариф, кој го замени Кан во 2022 година и се очекува сега повторно да формира влада, влезе во зградата на парламентот во четвртокот.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Што сакаат Пакистанците од идната власт?

Националното собрание на Пакистан има 336 пратеници, од кои 266 се избираат, додека 60 места се резервирани за жени и 10 за припадниците на верските малцинства.

Овие резервирани места се доделуваат на партиите според нивната застапеност во Долниот дом.

Политичките ривали на Кан постигнаа договор за поделба на власта по изборите, именувајќи го Шариф како нивен кандидат за премиер.