Со државнички активности денеска (26 февруари) беа одбележи 20-годишнината од авионската несреќа во која животот го загуби поранешниот претседател, Борис Трајковски, членовите на неговиот кабинет и екипажот на авионот.
Одбележување на 20 години од смрта на поранешниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, Градски гробишта во Бутел, Скопје, 26 февруари 2024 г.
Претседателот Стево Пендаровски, како и делегации од Собранието и Владата положија свежо цвеќе на гробот на поранешниот претседател на Градските гробишта во Бутел.
Владината делегација беше составена од вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, и заменик-министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ. Делегацијата на Собранието, пак, беше предводена од претседателот на парламентот Јован Митрески.
Покрај државните претставници, на овогодишното одбележување во Бутел присуствуваа и положија цвеќе сопругата на Трајковски, Вилма Трајковска, како и делегации на Армијата, на Сојуз на борци од НОАВМ и други.
Државни делегации одбележаа 20 години од смртта на поранешниот претседател Борис Трајковски, Градски гробишта во Бутел, Скопје, 26 февруари 2024 г.
Кај Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина, на спомен обележјето каде што се случи несреќата, пак, цвеќе положија претставници од владината делегација составена од министерките за култура и за животна средина Бисера Костадиновска-Стојчевска и Каја Шукова.
„Ова место е потсетник за сите генерации дека Македонија имала и има доблесни и решителни луѓе кои следејќи ја својата визија, својот сон, имаа храброст да гледаат во иднината“, потенцираше министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска.
20-годишнината беше одбележана и кај Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина, местото каде се случи несреќата, 26 февруари 2024 г.
Цвеќе кај Ротимље положија и полковник Билјана Блажеска како претставник од Кабинетот на претседателот Пендаровски, пратеници од македонското собрание, како и претставници од Армијата и ЕУФОР-БиХ.
И во Струмица, родното место на Трајковски, неговиот споменик го посетија и положија цвеќе делегацијата од Владата предводена од Јованка Тренчевска, дополнителна заменик-министерка за труд и социјална политика.
Видете и ова: Годишнина од смртта на претседателот Борис ТрајковскиПод покровителство на Владата на Република Северна Македонија, вечерва во Националната опера и балет ќе се одржи Комеморативен концерт по повод 20-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски и неговите соработници.
Во авионската несреќа, што се случи на 26 февруари 2004 година, загинаа претседателот Борис Трајковски и осумчлена делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар. Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.