Американското Министерство за правда објави серија апсења и обвиненија против руски бизнисмени и нивните соработници во пет одделни федерални случаи кои ги опфаќаат Њујорк, Флорида, Џорџија и округот Колумбија.
Акцијата беше темпирана да се совпадне со втората годишнина од руската инвазија на Украина, која започна на 24 февруари 2022 година.
Мајкл Ху од оперативната група на американското Министерство за правда, им рече на новинарите дека тоа треба да испрати порака до рускиот претседател Владимир Путин дека САД не се повлекуваат и дека „може и да играат долга игра“, се додека војната трае.
Во Њујорк беа покренати обвиненијата против банкарот Андреј Костин, долгогодишен претседател на руската државна банка ВТБ, втора по големина во земјата, како и против двајца негови соработници од САД, Вадим Волфсон и Ганон Бонд, кои беа уапсени. во четвртокот(22.2).
Костин, кој беше санкциониран од САД во 2018 година, е обвинет за перење пари и кршење на санкциите со одржување на две јахти вредни повеќе од 135 милиони долари и куќа во Аспен, Колорадо, се наведува во обвинението.
Волфсон и Бонд беа уапсени под обвинение дека помогнале во управувањето со имотот во Колорадо во вредност од 12 милиони долари, притоа прикривајќи ја сопственоста на Костин, изјавија претставници на мериканското Министерство за правда.
Костин, за кој се верува дека е во Русија, останува на слобода.
Обвинението против Костин е едно од петте кривични и граѓански обвиненија објавени од американското Министерство за правда, како дел од напорите на американските власти да се справат со луѓето со врски со Кремљ.
„Министерството за правда е посветено повеќе од кога било да го прекине протокот на нелегални средства што ја поттикнуваат војната на Путин и да ги повика на одговорност оние што продолжуваат да го овозможуваат тоа“, соопшти американскиот државен обвинител Мерик Гарланд.
Други случаи вклучуваат обвиненија против украинскиот олигарх Сергеј Курченко за наводно користење лажни компании за да продава метални производи во САД.
Курченко, соработник на поранешниот украински претседател Виктор Јанукович, беше санкциониран од САД во 2015 година. Се верува дека тој живее во Москва.
Американските власти, исто така, одлучија да запленат на две станбени згради на Флорида, наводно поврзани со основачите на санкционирана руска градежна компанија и покренаа обвинение против жител на Швајцарија за управување со суперјахта во сопственост на рускиот олигарх Виктор Векселберг.