Новиот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека довербата на граѓаните во Обвинителството ќе ја врати со транспарентност на институцијата што очекува да поттикне и отчетност, одговорност и ефикасност на јавните обвинители.
Во првата изјава за медиумите откако положи свечена заклетва во Собранието, тој меѓудругото рече дека работата на државниот јавен обвинител според него е тешка и одговорна, но со долгогодишното искуство и знаење може да одговори на сите предизвици.
„Во однос на моите понатамошни активностите, во програмата која што ја дадов пред пратениците и пред јавноста основното начело е транспарентноста. Ценам дека самата транспарентност ќе ја поттикне отчетноста, одговорноста, ефикасноста на јавните обвинители во нивната работа и секако тоа ќе ја подобри самата доверба во јавноста. Ценам дека Јавното обвинителство треба да го заслужи местото и треба да биде навистина единствениот орган кој што се бори против корупцијата. Ценам дека ова што го ветувам дека ќе го исполнам. Во однос на транспарентноста еве сега пред јавноста изјавувам дека Јавното обвинителство, а исто и јас, ќе биде отворено за јавноста и секако ќе бидеме во секое време достапни за информации кои се однесуваат на предмети кои што се во интерес на јавноста“, рече државниот обвинител Коцевски.
Инаку завчера(13 февруари) Собранието едногласно со 62 гласа „за“ го избра Коцевски за нов државен јавен обвинител.
Видете и ова:
Љупчо Коцевски е новиот државен јавен обвинителКоцевски беше предложен како единствен кандидат за нов државен јавен обвинител откако обвинителката Лидија Раичевиќ не доби позитивно мислење од Советот на јавни обвинители, а за обвинителката Фатиме Фетаи, Судскиот совет не се расправаше поради нецелосно доставена документација.
Коцевски е поранешен адвокат, кој во 2008 година бил избран за виш јавен обвинител во Гостивар. Од јануари 2022 година е избран за јавен обвинител во републичкото Јавно обвинителство, меѓу десеттемина обвинители во оваа институција. Тој бил дел и од Управниот одбор на Академијата за судии и обвинители, но и член на дисциплинската комисија во Јавното обвинителство.
Претходниот државен обвинител Љубомир Јовески, беше именуван на 25 декември 2017 година, а го наследи Марко Зврлевски, кој беше разрешен во август истата година. Во моментов, в. д. републичка обвинителка на местото на Јовески е Соња Симовска.