Полскиот претседател Анджеј Дуда во саботата изјави дека не е сигурен дали Украина ќе успее да ја врати контролата врз Крим, но верува дека тоа може да го направи со Доњецк и Луганск.
Полска, еден од најверните поддржувачи на Украина откако Русија ја нападна во 2022 година, постојано повторува дека Киев мора да ја врати контролата врз целата своја територија за да ја одврати Москва од натамошна агресија.
Дуда за локалните медиуми изјави дека украинскиот полуостров Крим, кој илегално беше анектиран од Русија во 2014 година, е посебно место и од историски причини.
„Ако го гледаме тој регион од историска страна, најчесто тој беше во рацете на Русија“, вели Дуда.
Неговите коментари беа критикувани од претставници на владејачката проевропска коалиција, кои имаат поинаков став од претседателот.
Видете и ова: Што значи за Европа најголемата воена вежба на НАТО?Претседателот е сојузник на националистичката партија Право и Правда, која ја загуби власта минатиот декември откако не успеа да изгради коалиција, бидејќи го загуби мнозинството на изборите во октомври минатата година.
„Би сакал да го потсетам Дуда дека постојат градови во нашата земја кои историски и припаѓале на Полска за пократок временски период отколку на која било друга земја“, рече Роман Гиртих, претставник на најголемата група во владата.
„Каква неверојатно глупава изјава“, рече Гиертих.
Претставникот на Право и правда, Радослав Фогиел, од друга страна, рече дека ваквата критика на зборовите на Дуда е неоснована.
„Тој директно одговори на прашањето дали Украина ќе го врати Крим велејќи дека не знае“, напиша Фогиел на „X“.