Папата повика на крај на војните

Папата Франциск

Папата Франциск на 28 јануари повика на почитување на цивилите во конфликтните области и рече дека луѓето се уморни од војните, кои ги нарече „катастрофа за народите и пораз за човештвото“.

По неговата неделна молитва на плоштадот Свети Петар, папата рече дека мора да се дозволи проток на хуманитарна помош во Мјанмар и дека мора да се почитува и населението на Блискиот Исток, погоден од војната меѓу Израел и Хамас. Тој ги спомна и страдањата на луѓето во Украина.

Војската на Мјанмар, која ја собори избраната влада во 2021 година, се бори со сојуз на армии на етничките малцинства кои се борат да ја прекинат контролата врз нивните региони од крајот на октомври.

Видете и ова: Папата во божиќното обраќање го осуди страдањето на цивилите во Газа

Папата, исто така, рече дека дознал „со олеснување“ дека група луѓе, вклучително и шест калуѓерки, биле ослободени на Хаити по речиси една недела во заробеништво. Минатата недела тој побара нивно ослободување.