Алиу: Пратениците утре да ги разрешат дилемите за пакет законите за админстрацијата

Министер за информатичко општество и администрација, Азир Алиу

Пратениците уште утре да ги разрешат сите дилеми во врска со пакетот закони предложени од
Министерството за информатичко општество и администрација, изјави на 23 јануари министерот Азир Алиу на прес-конференција. Тој вели дека пакетот закони повеќе од еден месец се усвоени од Владата, а се заглавени во Собранието.

Станува збор за законите поврзани со јавната администрација, за дигитализација и за медиуми на кои МИОА, како што вели Алиу, работело подолго време. Тој посочи дека тие се поврзани и со трите столба – администрација, дигитализација и медиуми од програма на ЕУ „Дигитална Европа“ со која летото нашата држава склучи договор.

Видете и ова:

Прво избори, па закон да ги стопира партиските вработувања во администрацијата

„Овие предлог-закони значат операционализација на преземените обврски на нашата држава. Овие закони се блокирани и, искрено, јас не ги знам причините зошто се заглавени... Ги повикувам пратениците уште утре во 10 часот да ги разгледаме сите дилеми околу овие закони кои ќе направат суштински промени што ќе го олеснат животот на нашите граѓани. Нема повеќе време за губење, реформи сега и веднаш, рече Алиу.

Алиу потврди дека денеска се слушнал со премиерот Димитар Ковачевски кој му рекол дека овие закони ќе бидат на пленарна седница на Парламентот во вторник.

Министерот од Алијанса за Албанците ја оддржа прес конференцијата во Владата со порака дека „не може да има систем ако тој зависи од волјата и условувањата на индивидуи“ и дека „македонскиот систем ќе се реформира или ќе пропадне“.

„ Нашите граѓани заслужуваат ефикасна адинистрација, а ние треба да им ја овозможиме таа ефикасна администрација. Денеска во јавноста провејуваше шпекулација дека јас ќе се откажам од овој предизвик, тоа веројатно доаѓа од луѓе кои не ме познаваат доволно или пак од луѓе кои тоа го посакуваат. Јас сум се нафатил на овој предизвик, со гордост да им служам на сограѓаните“, вели Алиу.

Алиу тврди дека нема информации зошто воопшто се блокира кој било од пакетот закони.