Гутереш предупреди: „Блискиот исток е буре барут“

Уганда, Генерален секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, на 21 јануари во Кампала изјави дека израелските воени операции во Појасот Газа предизвикале масовни уништувања и масовни убиства на цивили, на ниво без преседан откако тој е на функцијата.

„Тоа е потресно и целосно неприфатливо. Блискиот исток е буре барут, мораме да направиме се што можеме за да спречиме разгорување на конфликтот низ целиот регион“, рече Гутереш на отворањето на самитот Г 77 плус Кина во главниот град на Уганда.

Тој во објава на социјалните мрежи оцени дека е неприфатливо „негирањето на правото на државност на палестинскиот народ“ и одбивањето да се прифати решение за „две држави“, односно создавање независна Палестина покрај Израел.

„Правото на палестинскиот народ да изгради сопствена држава мора да биде признаено од сите“, заклучи Гутереш.

Видете и ова: Шефот на иранската дипломатија: Нападите врз Израел ќе престанат ако прекине војната во Газа

Гутереш тврди дека негирањето на правото на државност на Палестинците „ќе го продолжи конфликтот на неодредено време што стана главна закана за светскиот мир и безбедност“.
Израел вети дека ќе го уништи Хамас како одговор на нападот на 7 октомври минатиот октомври, во кој загинаа околу 1.140 луѓе.

Во израелското бомбардирање и копнена офанзива во Газа загинаа 25.105 луѓе, соопшти на 21 јануари Министерството за здравство на Газа, кое го води Хамас.