Нов напад на Израел врз Газа, прекинати телекомуникациските врски

Израелскиот тенк оперира, среде тековниот конфликт меѓу Израел и палестинската исламистичка група Хамас, во Газа, 8 јануари 2024 година.

Израелската војска денеска изврши уште еден напад врз Газа, додека областа се наоѓа во тешка хуманитарна ситуација и се соочува со прекин на телекомуникациите на 99-тиот ден од војната.

Сведоците пријавија израелско гранатирање на Газа во раните утрински часови, а новинар на АФП во петокот рече дека нападите и гранатирањето ги погодиле областите помеѓу градовите Кан Јунис и Рафах во јужна Газа, каде што се засолниле луѓето кои бегаат од северот на појасот.

Сите интернет и телекомуникациски услуги во Газа беа прекинати во петокот како резултат на израелските бомбардирања, соопшти главниот оператор Палтел.

„Газа е повторно во темнина“, се вели во објавата на платформата на социјалните мрежи X.

Видете и ова: САД нападнаа радар на Хутите во Јемен

Палестинската Црвена полумесечина рече дека оваа ситуација ги зголемува предизвиците за „брзо достигнување до ранетите и повредените“.

Во израелското бомбардирање на Газа загинаа најмалку 23.708 луѓе, главно жени и деца, покажуваат најновите податоци на палестинското Министерство за здравство, кое го води милитантната група Хамас.

Војната започна кога Хамас изведе напад на 7 октомври, во кој загинаа околу 1.140 луѓе во Израел, главно цивили, според извештајот на АФП заснован на официјални податоци. Милитантната група во таа прилика зеде и околу 250 заложници.

Шефот на хуманитарната агенција на Обединетите нации Андреа Де Доменико во петокот за АФП изјави дека Израел постојано ги блокира конвоите со хуманитарна помош во северниот дел на Газа.

Видете и ова: Израел ги отфрли обвинувањата за геноцид врз Палестинците пред судот во Хаг

Во централна Газа, недостигот на гориво предизвика затворање на главниот генератор во болницата Ал Акса во Деир ел-Балах, соопшти Министерството за здравство.

Кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху во петокот објави дека е постигнат договор со Катар за набавка на лекови за заложниците кои се уште се држат во Газа.

Договорот „ќе дозволи влез на лекови за заложниците кои ги држи терористичката организација Хамас во Газа“, соопшти кабинетот на Нетанјаху.