Аргентина нема да се приклучи на БРИКС

Аргентинскиот претседател Хавиер Милеј

Аргентина во петокот официјално објави дека нема да се приклучи на блокот на економии во развој БРИКС, што е најново во драматичната промена во надворешната и економската политика на новиот аргентински екстремно десничарски популистички претседател Хавиер Милеј.

Во писмото упатено до лидерите на Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, сите членки на алијансата БРИКС, Милеј рече дека моментот не е „поволен“ Аргентина да се приклучи како полноправна членка. Писмото е со датум од 22 декември, но аргентинската влада го објави во петокот, последниот работен ден од 2023 година.

Аргентина беше меѓу шесте земји поканети во август да се приклучат на блокот составен од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка за да направат блок од 11 земји. Аргентина требаше да се приклучи на 1 јануари 2024 година.
Потегот доаѓа во време кога Аргентина е зафатена од продлабочувањето на економската криза.

Претходникот на Милеј, поранешниот претседател на левиот центар Алберто Фернандез, го одобри пристапот кон алијансата како можност за достигнување нови пазари. БРИКС во моментов сочинува околу 40 отсто од светското население и повеќе од една четвртина од светскиот Бруто домашен производ (БДП).

Но, економските превирања оставија многумина во Аргентина желни за промени, доведувајќи го политичкиот аутсајдер Милеј на претседателската функција.

Милеј, кој се дефинира себеси како „анархо-капиталист“ - струја во либерализмот која се стреми да ја елиминира државата, спроведе низа мерки за дерегулација на економијата, која во последните децении беше обележана со силен државен интервенционизам.

Видете и ова: Заедничка валута БРИКС - предизвик за американскиот долар?

Во надворешната политика, тој прогласи целосна усогласеност со „слободните нации на Западот“, особено со САД и Израел.

Во текот на кампањата за претседателската функција, Милеј исто така ги омаловажуваше земјите со кои владее „комунизмот“ и најави дека нема да одржува дипломатски односи со нив и покрај зголемените кинески инвестиции во Јужна Америка.

Меѓутоа, во писмото упатено до неговиот колега Луис Инасио Лула Да Силва во соседен Бразил и останатите лидери на полноправните членки на БРИКС, Си Џинпинг од Кина, Наренда Монди од Индија, Владимир Путин од Русија и Матамела Рамафоса од Јужна Африка, Милеј предложи да се „интензивираат билатералните врски“ и да се зголемат „трговските и инвестициските текови“.
Милеј исто така изрази подготвеност да се сретне со секој од петте лидери.