Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски најави дека доколку Уставниот суд донесе одлука со која работниците нема да можат да го добиваат надополнувањето на плата, работата на Бирото за јавни набавки ќе прекине, со што ниту една институција во државата нема да може да набави било што и да биде потребно за вршење на нивната работа.
На денешниот мирен протест на членовите на Синдикатот на УПОЗ пред Министерството за финансии, а во знак на револт по донесувањето на времената мерка на Уставниот суд, со која се замрзна исплатата на надополнувањето на основната плата за 30 проценти на вработените во Министерство за финансии (МФ) и вработените во другите органи на управата, Деаноски додаде дека постои опасност МФ да го затвори трезорот и ниту еден вработен во јавниот сектор да не добие плата.
„Доколку Уставниот суд донесе одлука со која што нема да можат овие работници да го добиваат ова надополнување на плата ќе предизвика големо незадоволство што би значело дека Управата за имотно правни работи нема да ја работи експропријацијата на „Бехтел“ и „Енка“, Бирото за јавни набавки нема да работи, нема да има ниту една институција во државата да може да набавува било што ќе им биде потребно за нивната работа, а пак има опасност Министерството за финансии да го затвори трезорот и ниту еден вработен во јавниот сектор да не добие плата“, истакна Деаноски.
Видете и ова:
Членови на Синдикатот на УПОЗ на мирен протестТој посочува дека од моментот на поднесување на иницијатива до донесување на времена мерка поминало само еден месец, а Уставниот суд за иницијативи поднесени од Синдикатот нема одлучено две и пол години. Опасноста што следи, вели тој, е Уставниот суд да има право да донесе одлука – да ја одбие иницијативата.
„Апелирам уште еднаш кога ќе се носи одлуката Уставниот суд да си внимава за ретроактивноста, бидејќи не смее да се носат одлуки што се ретроактивни и да ги казни уште повеќе овие вработени, а да знаете и тоа дека сите вработени си ги планираа парите, земаа уште повеќе кредити, купија многу повеќе од тоа што треба, а сега тие пари им ги скратија на работниците“, рече Деаноски.
Од Синдикатот посочуваат дека заедно со Министерството за финансии изнаоѓаат начин како работниците ќе можат да ги задржат 30-те проценти надополнување на плата и додаде дека како Синдикат инсистираат на потпишување на колективен договор.