Меџити демантира дека лекот „трикафта" поскапел, најавува брзо проширување на позитивната листа

Фатмир Меџити, министер за здравство

Министерот за здравство Фатмир Меџити ги негираше информациите дека лекот „трикафта“ е поскапен и посочи дека интензивно се работи на позитивната листа на лекови.

„Следната недела „Трикафта“ пристигнува и ќе биде доделена на пациентите. Дванаесет пациенти веќе примаат терапија, а други пациенти ќе бидат вклучени во согласност со сите критериуми што се дадени од експертите на Детска клиника“, информираше тој.

На новинарско прашање до каде се активностите околу позитивната листа на лекови, тој рече дека интензивно се работи на тоа, апликациите се разгледани и голем дел од лековите ќе бидат ставени на листата.

Видете и ова: Додека чекаат „трикафта“, на пациентите со цистична фиброза им ја снемува и основната терапија

Прашан до каде е случајот со Онкологија во Обвинителство, тој уште еднаш повика на негова разрешница.

„Повторно го повикувам, Обвинителството веќе навистина е крајно време и тие самите да се тргнат од тој товар дека правниот систем не функционира во државата. Нека повелат господата и нека излезат со конкретен одговор и да се знае еднаш засекогаш кој е виновен“, одговори министерот.

Тој рече дека како член на Владата, верува во системот на државата.

Видете и ова: Случај „Онкологија“: Протестите ќе станат масовни, Обвинителството не сака брзоплета истрага

На почетокот на септември Обвинителство отвори предистражна постапка за случајот онкологија, откако новинарски истражувања открија дека на Клиниката за онкологија се крадела терапија за болни од карционом, а беа отворени и сомнежи дека пациентите добивале и физиолошки раствор и дека терапијата завршувала на црниот пазар.

Информациите предизвикаа остри реакции во јавноста, како и протести пред Владата и Јавното обвинителство со барања случајот веднаш да биде расчистен.