Министрите за надворешни работи на Јужна Кореја, Јапонија и Кина се состанаа денеска (26 ноември) за да разговараат за одржување на трилатерален самит на лидери по четиригодишна пауза и зајакнување на соработката меѓу трите земји, објави агенцијата Асошиејтед прес (АП).
Тесно поврзани економски и културолошки, Јапонија, Кина и Јужна Кореја заедно сочинуваат околу 25 отсто од глобалниот бруто домашен производ.
Сепак, како што пренесува АП, напорите за зајакнување на трилатералната соработка често наидуваат на пречки поради прашања кои вклучуваат историски спорови, вклучително и стратешка конкуренција меѓу Кина и Соединетите Американски Држави (САД).
На средбата во јужнокорејскиот град Бусан, министрите за надворешни работи на трите земји требаше да разменат мислења за подготовките за рестартирање на трилатералниот самит, начините за подобрување на соработката и други регионални и меѓународни прашања, соопшти Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја.
Во септември, високи претставници на трите земји се согласија да го обноват трилатералниот самит „што е можно поскоро“.
Откако го одржаа својот прв трилатерален самит во 2008 година, лидерите на трите земји требаше да се состануваат секоја година. Сепак, самитот не се одржува од 2019 година.
Односите меѓу Јужна Кореја, Јапонија и Кина се оптоварени со сложени, чувствителни прашања, пренесува АП.
Јужна Кореја и Јапонија се клучни воени сојузници на САД, а домаќини се за вкупно 80.000 американски војници. Нивниот неодамнешен притисок за зајакнување на трилатералната безбедносна соработка со САД ја налути Кина, која е исклучително чувствителна на потези за кои смета дека имаат за цел да ги ограничат нејзините амбиции да биде доминантен фактор во Азија.
Сепак, некои набљудувачи велат дека фактот што кинескиот претседател Си Џинпинг и американскиот претседател Џо Бајден постигнале помирувачки тон на нивната прва средба лице в лице по една година (а која беше на почетокот на овој месец) ќе ги увери Сеул, Токио и Пекинг да се најде начин за заживување на трилатералната соработка.
„Бидејќи меѓународното општество е на историски пресврт, бидејќи се соочува со големи предизвици и промени, се надеваме дека ќе разговараме за стратешкото значење на соработката меѓу Јапонија, Кина и Јужна Кореја“, изјави јапонската министерка за надворешни работи Јоко Камикава на 24 ноември.
По состанокот со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во саботата, 25 ноември, Камикава рече дека го обновила барањето на Јапонија - Кина да ја укине забраната за увоз на морска храна од Јапонија како одговор на ослободувањето од Токио на прочистената радиоактивна отпадна вода од погодената нуклеарна централа Фукушина.
Ванг, од своја страна, рече дека Кина се спротивставува на јапонската „неодговорна акција“ за испуштањето отпадни води и повика на независен механизам за следење на процесот, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.
Односите меѓу Јужна Кореја и Јапонија сериозно се влошија во последниве години поради проблемите што произлегуваат од јапонската колонизација на Корејскиот полуостров во 1910-1945 година.
Сепак, во последните месеци двете земји презедоа низа чекори за надминување на историските спорови и подобрување на билатералната соработка наспроти севернокорејските нуклеарни закани.