Македонскиот брачен пар евакуиран од Газа

илустрација

Од Газа безбедно се евакуирани и последните двајца македонски државјани. Се работи за брачен пар и тие утринава го поминале египетскиот премин Рафа и се на безбедно на египетска територија, објави македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, на „Фејсбук“.

„Одлична вест тукушто пристигна од Каиро и Тел Авив. Брачниот пар, последните двајца наши државјани што се наоѓаа во ризичните зони, е евакуиран од Газа. Во моментот тие се на безбедно, привремено вдомени во Каиро и набргу ќе бидат упатени дома“, напиша министерот Османи.

Видете и ова: Семејството Скаик евакуирано од Газа пристигна во Скопје

Тој меѓудругото, се заблагодари за посветеноста и професионалноста до вршителите на работи во амбасадите во Тел Авив и Каиро, кои како што вели, вложиле извонредни напори во постојана комуникација со надлежните институции на Египет и Израел, како и со македонските државјани.

Видете и ова: Македонски сопружници заглавени во Газа – се бара спас преку Египет

Пред десеттина дена од Газа во Северна Македонија пристигна и четиричленото семејство Скаик. Таткото и двете деца се македонски државјани, а мајката на децата е палестински државјанин. Четиричленото семејство пристигна во Северна Македонија на 5 ноември и привремено беше згрижено од социјалните служби.