Поранешниот министер за надворешни работи на Чешка, Карел Шварценберг, една од водечките фигури во посткомунистичката ера на оваа држава, почина на 86-годишна возраст, соопштија официјални лица во неделата, на 12 ноември.
Шварценберг потекнува од престижно чешко семејство, па своевремено стана еден од поблиските советници на својот пријател Вацлав Хавел, откако поранешниот дисидент победи на првите слободни избори во оваа земја, во 1990 година.
Потоа, тој двапати беше шеф на дипломатијата, во периодот од 2007 до 2013 година.
Шварценберг важеше за голем поддржувач на посилна интеграција во Европа, и иако се декларираше како конзервативец, имаше симпатизери во урбаните либерални групи, како и меѓу младите во политиката.
Библиотеката Вацлав Хавел, која Шварценберг ја основал, соопшти дека тој починал во саботата, нарекувајќи го „патриот и вистински Европеец“.
Чешките медиуми објавија дека тој минатата недела бил префрлен во болница во Виена.
Карел Шварценберг во друштво со Вацлав Хавел
Шварценберг помина голем дел од својот живот во егзил, бидејќи неговото семејство беше една од клучните цели на комунистите кои ја презедоа власта со државен удар во 1948 година и конфискуваа огромни средства, вклучувајќи замок, шуми и земјиште главно во јужниот дел од земјата, во близина на границата со Австрија, каде имале и земја.
Додека бил во егзил во Австрија, Шварценберг, го презел семејниот имот и ги поддржувал антикомунистичките движења кои се бореле за човекови права и спонзорирал библиотека која чувала забранета чешка литература.
Чешката телевизија ја цитираше неговата изјава по неговото враќање: „Не знаеш колку е среќен човек што може повторно да се врати дома“.
Од чешкото МНР го нарекоа инспирација за две генерации дипломати, а од Шварценберг се збогуваа и претставниците на неговата партија ТОП09, како и министерот за надворешни работи на Австрија, Александар Шаленберг.
Шварценберг стана сенатор во 2004 година, а подоцна помогна во основањето на партијата ТОП09, која е една од членовите на централнодесничарската коалиција која е моментално на власт.
Видете и ова: Избран новиот претседател на ЧешкаТој беше претседателски кандидат во 2013 година, но загуби од Милош Земан, уште една клучна фигура во посткомунистичка Чешка, кој го заврши својот втор претседателски мандат претходно оваа година.