Добитничката на Нобеловата награда за мир Наргес Мохамади започна штрајк со глад на 6 ноември, откако на неа и на другите затворенички, наводно, им била одбиена медицинска помош, но и во знак на протест против задолжителниот хиџаб за жените во Иран, соопшти организацијата која се залага за правата на оваа активистка.
Од организацијата која ја води кампањата „Ослободете ја Наргес Мохамади“ соопштија дека Мохамади испратила порака од затворот Евин и „го информирала нејзиното семејство дека започнала со штрајк со глад пред неколку часа“.
Во пораката се вели дека Мохамади и нејзиниот адвокат со недели барале нејзино префрлање во специјализирана болница за срце и бели дробови.
Иранската мисија во Обединетите Нации не одговори веднаш на барањето на АП за коментар. Во меѓувреме, агенциите јавуваат дека на друга затворена активистка, адвокатката Насрин Сотуда и треба медицинска помош, која допрва треба да ја добие.
Таа беше уапсена додека присуствуваше на погребот на тинејџерката која почина под контроверзни околности во метрото во Техеран кадешто не носеше хиџаб.
Видете и ова:
Тинејџерка во Техеран почина по инцидент поради неносење хиџабГлобално позната како застапник на движењето „Жени, живот, слобода“, Мохамади ја доби Нобеловата награда за мир на 6 октомври. Таа со години зборуваше против задолжителното правило за хиџаб наметнато на жените во Иран, како и ограничувањата на слободите и правата на жените кои ги спроведуваат исламските лидери во земјата.
Одлуката на Нобеловиот комитет да ја додели наградата за мир на Наргес Мохамади дојде по повеќе од една година протести предводени од жените.
Демонстрациите започнаа во септември минатата година, по смртта на 22-годишната Махса Амини во притвор на озлогласената иранска полиција за морал.
Мохамади, чие семејство избега во Франција, беше апсена 13 пати, пет пати осудена на вкупно 31 година затвор и 154 удари со камшик за нејзината работа во кампања за слобода на изразување и правата на жените. Таа продолжи со својот активизам и покрај бројните апсења од иранските власти и годините зад решетки.