Уставен суд го поништи Упатството за водење на матични книги

Архива - Министерот за правда Кренар Лога за иницијативите до Уставен суд за ненавременети објави во Службен Весник

Уставниот суд на денешната седница донесе Одлука да го поништи Упатството за изменување и дополнување на Упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи.

Одлуката доаѓа откако претходно, на 29 мај годинава Министерството за правда донесе упатство за водење на матичните книги со кое е предвидено во изводите од матичните книги да има и графа за етничката припадност, односно националност.

Со денешната одлука на Уставниот суд исто така се поништува издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги, водење постапка и составување на записник за најдено дете, обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги, акт донесен од Министерството за правда.

Портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска на денешната рече дека Одлуката е донесена со мнозинство гласови и дека ќе биде објавена во Службен весник.

Видете и ова: Правна битка меѓу министерот Лога и Уставен за графата националност во изводите

„Кога Уставниот суд донесува поништувачка одлука, тоа значи дека одлуката има ретроактивно дејство, сметано од моментот на донесувањето на актот којшто се поништува“, појасни Беловска.

Упатството е поништено бидејќи Судот оценил дека е направена повреда на членот 52 став 2 од Уставот, односно не бил испочитуван уставниот рок во кој требало да се објави ова упатство.

Уставниот суд на почетокот на јули со времена мерка го стопираше упатството за издавање на лични документи со графата за етничка припадност.

Со тоа Управата за матични книги требаше да запре да издава извод на родени во кој ќе биде впишана графата националност се додека Уставниот суд не донесе конечна одлука дали е тоа уставно или не. По донесувањето на оваа таа одлука, министерот за правда најави дека ќе донесе ново упатство, без да ја смени содржината, со кое правно ќе ја негира одлуката на Уставниот суд.