Достапни линкови

Правна битка меѓу министерот Лога и Уставен за графата националност во изводите


Прес конференција на министерот за правда Кренар Лога по одлуката на Уставниот суд
Прес конференција на министерот за правда Кренар Лога по одлуката на Уставниот суд

Уставниот суд донесе времена мерка со која го стопира упатството за издавање на лични документи со графата за етничка припадност. Веднаш по оваа одлука Министерот за правда најави дека ќе донесе ново упатство, без да ја смени содржината, со кое правно ќе ја негира одлуката на Уставниот суд.

Управата за матични книги нема да издава извод на родени во кој ќе биде впишана графата националност се додека Уставниот суд не донесе конечна одлука дали е тоа уставно или не. Уставниот суд ќе ги ја проверува уставноста и законитоста на упатството на министерот за правда Крена Лога со кое во личните документи кои ги издава Управата ќе биде впишана графата националност.

Но, веднаш по одлуката на Уставниот суд, министерот Лога повлече нов потег. Најави ново упатство со пречистен текст со што, како што вели, оваа одлука на Уставниот суд ќе биде ништовна.

„За укинувањето сметам дека требаше да биде од формален аспект, а не да се купува време“, изјави Лога.

Основната причина поради која уставните судии решија со мнозинство од пет спрема два да поведат постапка, беше неиспочитуваниот уставен рок за објавување во службен весник на упатството на министерот. За содржината на упаството воопшто не расправаа.

Расправата на судиите од речиси два часа дали да поведат постапка ја следеше Лога од публика. Најмногу дискутираа судиите Насер Ајдари и Фатмир Скендер кои беа против поведување постапка.

Лога - Уставниот суд ја отвори Пандорината кутија

Лога порача дека со ова е отворена Пандорината кутија, затоа што, како што вели, овој уставен рок многу пати не бил испочитуван од многу други институции. Тој најави дека ќе поднесе до Уставниот суд десетици иницијативи за прекршување на уставниот рок со кој е предвидено секој закон и правен акт донесен од институција да се објави во Службен Весник најдоцна до седум дена од донесувањето.

Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска вели дека прв појдовен проблем во упатството е што не е запазен рокот наведен во Уставот, додека за другите сомнежи своите ставови ќе ги соопшти на наредната седница. Уставниот судија Дарко Костадиновски посочи дека и законот за матична евиденција и упатството кое произлегува од тој закон се прават по меѓународни стандарди.

„Многу уставни одредби фрлаат сомнеж на ова упатство“, рече Костадиновски.

Според министерот пропустот со рокот е направен во владиниот секретаријат каде многу се доцни.

На прашањето во која друга земја во светот има графа за националност во личните документи, министерот посочи дека во ниту една друга земја нема потреба да се докажува националноста.

„ Конкретно и уставните судии што денеска решаваат за оваа проблематика, една третина од нив треба да докажуваат дека не се дел од мнозинството затоа што тоа е пропишано во Уставот“, вели Лога.

Досега во изводите имаше графа за државјанството, но не и графа за национална припадност.

Графата „националност“ тема на некоја следна седница на Уставен

Уставните судии најавија дека за суштината на законот како и за темата националност во лични документи ќе расправаат кога ќе се разгледува иницијативата на опозициската партија Левица со која се оспорува Упатството како и законот од 1995 година на кој се повикува министерот во кој е посочено дека во матични книги се заведува и националноста на граѓаните.

Пред да заседава уставниот суд се разви дебата во јавноста на оваа тема. Поранешната министерка за правда, Рената Дескоска се изјасни дека графата за националност во изводот не е законска, и дека очекува Уставен суд да го укине Упатството за матични книги.

„Етничката припадност спаѓа во групата на „сензитивни“ податоци кои подлежат на посебна заштита согласно правилата за заштита на лични податоци. Нашата држава е потписник на Конвенцијата за заштита на лица во однос на автоматска обработка на лични податоци, а јас лично во декември 2019 го потпишав и Протоколот за нејзина измена со кој дополнително се зајакнува заштитата на овие чувствителни податоци“, напиша Дескоска на социјалните мрежи.

Лога и возврати лично.

„ Професорката може какви сака изјави да дава, но како министер таа е лош пример, бидејќи таа сама преку Влада се назначи за член на Венецијанска комисија додека беше и потпретседател на партија, во независно советодавно тело при Совет на Европа, мислите дека потпретседател на партија е независен експерт,“ рече Лога.

Вметнувањето на етничката припадност во изводот на родени не поминаа незабележано кај фондациите и здруженијата во соседна Бугарија, кои на социјалните мрежи ги повикаа македонските граѓани за 250 денари да извадат нов извод во кој ќе се пишат дека се со бугарска националност за да си олеснат процедура за вадење на бугарски пасоши. За министерот Лога ова е само дневна политика.

„Само со една потврда од бугарско здружение можат да добијат пасош од Бугарија, така што тоа е само дневна политика, и ги повикувам сите експерти и професори да не се занимаваат со вакви глупости“, изјави Лога.

Законот за матична евиденција, е донесен во 1995 година и во него се предвидува во матичната книга да се води податок за националноста на родителите, но не и во изводите на родени. Според упатството на министерот за правда графата националност ќе биде вметната и во венчаницата и умреницата, но тоа според неговите планови ќе стапи на сила од јануари догодина.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG