Илјадници исчезнати и најмалку 11.300 луѓе загинале во поплавите во Либија, проценуваат ОН

Илустрација, невреме во Либија

Седум дена откако бранот поплави го зафати либискиот крајбрежен град Дерна, убивајќи илјадници луѓе, фокусот денеска беше свртен кон грижата за преживеаните од катастрофата.

Проценките за бројот на изгубени животи варираат во голема мера. Последните официјални податоци, според Министерството за здравство со седиште на истокот, се дека починале 3.166 лица.

Сепак, според извештајот на Обединетите нации (ОН) објавен на 17 септември, бројот на жртвите само во Дерна се искачи на 11.300. Цитирајќи ја либиската Црвена полумесечина, Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања додаде дека 10.100 луѓе се уште се водат како исчезнати во разурнатиот град.

Видете и ова: Катастрофални поплави во Либија - што ги предизвика и зошто има толку жртви?

„Овие бројки се очекува да се зголемат во наредните денови и недели бидејќи тимовите за пребарување и спасување неуморно работат на пронаоѓање на преживеани“, се вели во извештајот на OCHA.
Најмалку 40.000 луѓе се раселени низ североисточниот дел на Либија, според Меѓународната организација за миграција, која предупреди дека реалниот број е веројатно поголем со оглед на тешкотијата за пристап до најтешко погодените области.

Две брани возводно од Дерна пукнаа пред седум дена под притисок на бурните дождови предизвикани од бурата Даниел.

Браните беа изградени за да го заштитат пристанишниот град со 100.000 жители, откако беше погоден од големи поплави во средината на 20 век. На бреговите на пресушеното корито на реката што минува низ центарот на градот се гради многу, а минатонеделниот поројниот дожд однесе се пред себе додека брзаше кон Средоземното Море.

Седум дена подоцна, тела се уште се пронаоѓаат.

Видете и ова: ОН: Несреќата во Либија можеше да се избегне

Спасувачки тим од Одделот за цивилна заштита на Малта откри плажа полна со тела во петокот, објави Тајмс оф Малта. Меѓународната помош пристигнува од Обединетите нации, Европа и Блискиот Исток, нудејќи им олеснување на илјадниците преживеани.

Помошта вклучува основни лекови и итни хируршки материјали, како и торби за тела за да се овозможи движење на трупови. Беа донесени шатори, ќебиња, теписи, хигиенски комплети и храна, заедно со тешка механизација за да помогне во чистењето.

Разорните поплави што ги донесе бурата Даниел беа влошени поради лошата инфраструктура во Либија, која е зафатена од немири откако долгогодишниот диктатор Моамер Гадафи беше соборен и убиен во бунтот поддржан од НАТО во 2011 година. Се поставуваат прашања зошто не е спречена катастрофата, кога пукнатините на браните се познати уште од 1998 година.

Видете и ова: Огромен број жртви во поплавите во Либија, продолжува потрагата по исчезнатите

Главниот обвинител Ал Седик Ал-Сур најави истрага за околностите што довеле до колапсот.

Ризиците од болести кои се пренесуваат преку вода, како што е колера, се исто така високи, според хуманитарните групи. Надвор од Дерна, поплавата однесе дополнителни 170 животи, според извештајот на ОН. Националниот центар за контрола на болести објави дека најмалку 55 деца биле затруени од пиење загадена вода во Дерна.