Поројниот дожд го исполни инаку сувото речно корито, во ридовите јужно од Дерна. Две брани изградени за да го заштитат градот од поплави попуштија под големиот притисок и го ослободија поројот што течеше низ градот.
Шефот на Светската метеоролошка организација (СМО) во четвртокот (14-ти септември) рече дека жртвите би можеле да се избегнат доколку поделената земја, зафатена од 12 години конфликт и хаос, има функционална метеоролошка служба која би можела да издава предупредувања.
Во истражувачки труд објавен минатата година, хидрологот Абделванис А.Р. Ашур од либискиот универзитет Омар Ал-Мухтар изјави дека сезонските поплави на коритото на реката претставуваат закана за Дерна. Тој изјави дека од 1942 година имало пет поплави и повика на итни мерки за редовно одржување на браните.
Колку штета нанесе бурата?
Голем дел од градот исчезна - некои функционери велат дека е четвртина или дури и поголемиот дел од Дерна. Најмалку 38.000 луѓе се раселени, соопшти агенцијата за миграција на Обединетите нации.
Најпогодени подрачја се покрај бреговите на реката што минува низ центарот на градот. Поплавата ги уништи или однесе насипите со целокупните станбени објекти кои беа на нив. Уништена е голем дел од градската инфраструктура, вклучително и мостови.
Поплавата корнеше дрвја и уништи стотици автомобили, од кои многу беа превртени. Новинарите на Ројтерс виделе едно возило на балконот на вториот кат од зграда. Исто така, голем дел од градот е покриен со кал.
По поплавите прекинато е снабдувањето со струја и вода. Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (OCHA) во средата извести дека инсталациите за електрична енергија и интернет се делумно обновени.
Колкумина се мртви и исчезнати?
Официјалните лица дадоа различни бројки на загинати и исчезнати, но сите велат дека има илјадници.
Највисока можна бројка на жртви даде градоначалникот на Дерна, Абдулменам Гаити, кој рече дека може да има од 18.000 до 20.000 загинати, врз основа на тоа колку од градот е погоден од поплавата.
Меѓународната организација за миграција во петокот соопшти дека најмалку 38.640 луѓе се раселени во северна Либија по поплавите.
Со какви предизвици се соочуваат спасувачите?
Оштетувањето на инфраструктурата, вклучително и патишта и мостови, сериозно ги попречува хуманитарните напори, при што сите три моста во Дерна се уништени, соопшти OCHA.
Либиските власти соопштија дека им е потребна помош во операциите за пребарување и спасување. Спасувачките екипи пристигнаа од Египет, Тунис, Обединетите Арапски Емирати, Турција и Катар.
Спасувачите побарале уште торби за мртвите. Со оглед на тоа што допрва треба да се најдат голем број тела, градоначалникот на Дерне Гаити изрази страв од ширење на болеста.
Либиските власти велат дека земјата никогаш не се соочила со катастрофа од ваква големина. Сепак, одговорот на катастрофата беше комплициран и поради политичката ситуација во земјата, каде што има две ривалски влади.
Либија е зафатена во конфликт и хаос од 2011 година, кога долгогодишниот диктатор Моамер Гадафи беше соборен во бунт што ја подели северноафриканската земја и создаде безброј ривалски милиции кои се борат за власт.