Парада на гордоста на улиците во Белград

Парада на гордоста во Белград, Србија, 9 септември 2023

Парадата на гордоста на која ЛГБТ+ заедницата бара да ги оствари своите права во Србија, започна во центарот на Белград.

Учесниците се прошетаа низ централните улици на Белград.

Организаторите пред Владата најавија дека Законот за истополови бракови е „под клуч“ во таа институција. Ова е едно од главните барања на ЛГБТИ+ заедницата во Србија.

Видете и ова: Молк од српската премиерка за ставот на претседателот Вучиќ против истополови бракови

Полициските сили го затворија центарот на градот. Тоа беше најавено како дел од безбедносните мерки.

„Не сме ни блиску“ е главната порака

Овогодинешниот слоган на Прајд е „Не сме ни блиску“, а активистите нагласуваат дека ЛГБТ+ заедницата во Србија се соочува со зголемено насилство и дискриминација.

Горан Милетиќ од „Белград Прајд“ на почетокот на настанот истакна дека ова е јубилејниот 15-ти Прајд што го закажале. Тој потсети дека пет биле забранети, еден во 2022 година бил задржан и покрај забраната, додека во 2001 година имало обид на Прајд.

„Не сме ни блиску до исполнување на барањата. Барањата се многу конкретни, никого нема да чинат ништо, никому нема да одземат ништо, а за заедницата значат многу“, рече Милетиќ.

Од претставниците на Владата, присуствуваше Тања Мишчевиќ, министерка за евроинтеграци во Владата на Србија.

Мишчевиќ изјави дека Владата на Србија е посветена на остварување на правата на ЛГБТ+ заедницата.

Видете и ова: Вучиќ тврди дека нема да го потпише законот за истополови бракови во Србија

„Има уште многу работа пред нас, но, мирното одржување на Прајд покажува дека сме на добар пат“, рече таа.

Парадата на гордоста ја поддржа и амбасадорот на Соединетите Американски Држави (САД) во Србија, Кристофер Хил.

„Важно е сите да сме тука заедно и секој да има право да оди каде сака“, рече Хил.

Тој исто така истакна дека е важно да се постигне напредок во остварувањето на правата на ЛГБТ+ заедницата.

„Прајд“ во Белград: Законот за истополови бракови е „под клуч“ во Владата

Низа барања

Меѓу клучните барања на ЛГБТ+ заедницата во Србија, кои не се променети од 2017 година, е усвојувањето на Законот за истополови бракови со кој би се регулирале правата на истополовите партнери.

Исто така, организаторите сметаат дека е потребно донесување на Законот за родов идентитет и правата на интерсексуалните лица, како и подобрување на здравствените услуги за транс лицата.

Видете и ова: Парада на Гордоста во Скопје - Борба за видливост на маргинализираните

Се бара и брза и адекватна реакција на државните органи и јавна осуда на владините претставници за говорот на омраза и злосторствата мотивирани од омраза кон ЛГБТ+ заедницата.