Вработените во МИА на протест, бараат повисоки плати

Принтскрин од интернет страницата на МИА каде вработените објавиле за нивниот предупредувачки протест, 27 јули 2023

Вработените во Мeдиумската информативна агенција (МИА) излегоа на предупредувачки протест со барање за зголемување на платите.

Предупредувачкиот протест се одржува пред просториите на АД МИА со почеток во 11 часот, во траење од половина час, за време на паузата.

Протестот се организира со поддршка на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Синдикатот на медиумски информативни агенции (СМИА).

Новинарите и медиумските работници од МИА веќе подолго време бараат покачување на нивните плати, согласно Колективниот договор и усогласување со трошоците за живот, но Владата досега не најде за сходно да одобри зголемување на платите во овој државен медиум.

Видете и ова: „Свето тројство“ пред избори- нетранспарентна Влада, напади и притисоци врз новинари

Предупредувачките протести ќе продолжат и во наредните денови, а во случај тие да не резултираат со разбирање и прифаќање на барањата на вработените, ќе бидат преземени и порадикални чекори.

ССНМ ги повикува сите вработени во АД МИА да се приклучат кон протестот.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници дава безрезервна поддршка на своите членови и на сите вработени новинари и медиумски работници во МИА и потсетува дека основен предуслов за слободно и професионално новинарство е стабилна социо-економска состојба на новинарите и медиумските работници.