Ќе има ли решение за платите во јавниот сектор?

илустрација

Синдикатите и Владата денеска повторно ќе се сретнат во обид да најдат решение за методологијата за раст на платите во јавниот сектор.

Министерот за финансии Фатмир Бесими во интервјуто за МИА, што беше објавено викендот, истакна дека според климата и интензитетот на разговори блиску се до постигнување на договор.

„Мислам дека има солидна клима, меѓусебна доверба, волја за решение. Треба уште некои финеси да ги дефинираме и доколку сме со овој интензитет, прашање на денови е кога би го заокружиле прашањето со синдикатите во интерес на сите граѓани“, посочи Бесими, додавајќи дека е рационален оптимист.

Видете и ова:

Маржите се одмрзнуваат, трговците ќе ставаат нови цени

Од синдикатите по последниот состанок во Министерството за финансии, наведоа дека има напредок во преговорите и доближување на ставовите.

Тие очекуваат двоцифрено зголемување на платите од септември и исплата на регрес за годишен одмор, а од март 2025 година да почне новата методологија за раст на платите.

Инфлацијата е 14,2 проценти, порастот на минималната плата е 12,55 проценти и просечната плата минатата година пораснала 10,9 проценти. Ние како претставници на работниците сметаме дека тоа треба да биде стартна основа на која ќе го градиме заедничкиот однос и доверба со потпишувањето на Општиот колективен договор, изјави претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов за телевизија Сител.