Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот полски колега Анджеј Дуда на 9 јули ја одбележаа годишнината од масакрот на Полјаците од страна на украинските националисти за време на Втората светска војна, а масовните убиства на Полјаците остануваат извор на тензии меѓу двете земји.
Иако Варшава е еден од најверните сојузници на Киев откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, масакрот во Волин, во кој се проценува дека меѓу 1943 и 1945 година беа убиени околу 50.000 до 60.000 Полјаци во западна Украина, продолжува да ги заострува односите меѓу двете нации и тензиите. Особено еруптира во пресрет на годишнината од масакрот на 11 јули.
Во помала мера, жртви на масакрот биле и Руси, Евреи, Ерменци, Чеси и претставници на други народи кои живееле во областа Волин.
Полскиот парламент смета дека масовните убиства извршени од страна на Украинската бунтовничка армија и Организацијата на украинските националисти под водство на Степан Бандера имаат карактеристики на геноцид.
Украина го отфрла ова и гледа на настаните во Волин како на конфликт меѓу Полска и Украина што ги погоди и двете нации.
Полските историчари тврдат дека до 12.000 Украинци биле убиени во полските одмазднички операции.
Володимир Зеленски и Анджеј Дуда присуствуваа на миса во спомен на жртвите во црква во западниот украински град Луцк.
„Заедно им оддаваме почит на невините жртви во Волиње. Меморијата не обединува. Заедно сме посилни“, објави канцеларијата на Дуда на Твитер. Зеленски ја даде истата изјава на украински и полски јазик.
Поради масакрот во Волин, на почетокот на годината избувна јавна војна на зборови, откако полското Министерство за надворешни работи изјави дека Зеленски треба да се извини за тоа злосторство и да побара прошка.