Бундестагот одвои време за да го подготви овој документ и да има посебен заклучок за Северна Македонија, бидејќи во германскиот Парламент и во владината коалиција има правило веќе да не се третираат поединечни земји преку резолуции, а таков исклучок се направи за Северна Македонија,вели специјалниот пратеник на Германија за Западниот Балкан, Мануел Сарацин во интервју за новинската агенција МИА. Оваа изјава доаѓа по гласањето на резолуцијата во Бундестагот на 15 јуни со која се дава поддршка на македонскиот идентитет, јазик и култура.
„Многу луѓе побараа од нас да разговараме со вашите соседи околу овој билатерален конфликт. Секако, ние се обидуваме да бидеме позитивни и да помогнеме, но многу е важно да се каже: слушајте, Германија има јасна позиција за ова, Германија ја вреднува македонската култура, јазик и идентитет и можете да сметате на тоа“ изјави Сарацин.
Видете и ова: Партиски покер за уставни измениТој повтори дека следните месеци се клучни за Северна Македонија, но и за духот на проширувањето на ЕУ и целиот регион.
„Северна Македонија нема многу време за губење, бидејќи не знаеме што ќе се случи, имајќи ја предвид војната во Украина. Доколку сега ги отворите кластерите после уставните измени, патот на земјата кон ЕУ е неповратен“, вели Сарацин.
За донесување на уставни измени со кои ќе се вметнат Бугарите во Преамбулата како услов за продолжување на преговорите со ЕУ е потребно двотретинско мнозинство во 120- члениот Парламент кое актуелното владејачко мнозинство сега го нема.
Тој додава дека позитивен исход од гласањето на уставните измени би било од огромна важност за земјава, но и за регионот, со оглед на актуелните проблеми на Западниот Балкан.
„Тоа би било позитивно светло во регионот со оглед на проблемите директно во вашето соседство. Затоа ние се обидуваме да бидеме, можеби од една страна најдобрите пријатели на Северна Македонија, бидејќи понекогаш сме и критички настроени, туку вистински пријатели на Северна Македонија и како вистински пријатели ве повикуваме на следното: знаеме дека е тешко, но направете го овој чекор заедно со нас, можете да сметате дека Германија ќе биде заедно со вас на овој пат“ изјави Сарацин.
Во однос на барањата на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да добие нова Преговарачка рамка или можеби гаранција дека нема да има натамошни историски условувања од Бугарија, Сарацин вели дека не може да се прават промени во рамката.
„Преговарачката рамка беше едногласно усвоена од 27-те земји членки на Советот на ЕУ и нема повторно да отвораме процес за донесување таква одлука. Таа е донесена и не може да се промени. Таа претставува гаранција за Северна Македонија и не може лесно да се смени, потоа и Бугарија да не може понатаму да поставува нови услови во неа. Тоа беше и една од клучните поенти на предлогот минатата година. Затоа е целосно нереално да се очекува дека ние повторно ќе ја отвориме. Германија ќе биде против повторно отворање на Преговарачката рамка“, изјави Сарацин.
Видете и ова: Уставните измени ќе се туркаат преку убедување пратенициПо лидерската средба премиерот Димитар Ковачевски предложи заеднички да ги изгласаат уставните измени, а во преодните и завршните одредби да стои дека ќе важат од Втората меѓувладина конференција со ЕУ. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пак, побара уставните измени со кои би се внеле Бугарите во Уставот, да важат на крајот од преговарачкиот процес со ЕУ, односно, кога ќе почне ратификацијата во земјите членки на ЕУ и кога Северна Македонија ќе стане членка на ЕУ, што би можело да трае повеќе години.