Тројца полицајци наводно се киднапирани близу границата на северот на Косово

Присуство на косовската полиција во Северна Митровица, 13 јуни 2023 година

Косовската полиција извести дека тројца нивни гранични службеници наводно биле киднапирани од српските сили за време на патрола во градот Тресава - Баре, на граничната линија на северот на Косово. Селото се наоѓа во општина Лепосавиќ.

Според соопштението на косовската полиција, единицата врши патроли длабоко на територијата на Косово, со цел да се спречи користење на дивите патишта, за кои велат дека се користат од криминални групи за нелегално преминување и криумчарење.

Засега, нема официјални информации за настанот од Србија.

Министерството за внатрешни работи на Србија и Безбедносно-информативната агенција не беа достапни за коментар на барањата на Радио Слободна Европа.

Видете и ова: Американската амбасадорка во НАТО повика на враќање на дијалогот меѓу Србија и Косово

Полицијата соопшти дека оваа единица која ја сочинуваат тројца гранични службеници, забележала маскирани и вооружени лица и дека побарале помош, а кон нив се движеле и други полициски единици.

„По пристигнувањето на местото помошните единици го забележале само службениот автомобил, но не и полицајците кои биле на таа локација. Во правец на тоа место веднаш тргнале и другите полициски единици, а информирани се и други безбедносни институции, меѓу кои и КФОР, бидејќи сомнежите се дека полицајците ги однесе српски трупи“, се наведува во соопштението.

Министерот за внатрешни работи на Косово Џељал Свечла ја обвинува Србија дека „влегла на територијата на Косово и киднапирала тројца полицајци на Република Косово“.

„Нашите полицајци, без сомнение, се стационирани длабоко на територијата на Република Косово, на статичен контролен пункт, каде што извршуваа редовни задачи“, напиша тој на Фејсбук.

Тој побара од меѓународната заедница „веднаш да го зголеми притисокот врз Србија не само да ги ослободи нашите полицајци, туку и да престане со провокациите“.

Информациите доаѓаат во време на зголемени тензии на северот на Косово. Во општините населени со мнозинско српско население, граѓаните од 26 мај протестираат против новоизбраните албански градоначалници.

Српската листа, најголемата партија на косовските Срби, не учествуваше на претходните избори.