Русија ја оцени како позитивна американската изјава за контрола на нуклеарното оружје

Илустрација

Кремљ ја оцени како позитивна изјавата на американскиот советник на за национална безбедност Џејк Саливан во која се повикува на билатерлани дискусии за контрола на оружјето. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков на 5 јуни е изјави дека Русија останува отворена за дијалог.

Саливан рече дека на 2 јуни САД ќе ги почитуваат ограничувањата за нуклеарно оружје поставени во новиот Договор „СТАРТ“, последниот преостанат пакт за намалување на нуклеарното оружје меѓу двата ривали од Студената војна, до истекот на 2026 година, доколку Русија го стори истото.

Претседателот Владимир Путин во февруари го суспендираше учеството на Москва во договорот.

„Ова е важна и позитивна изјава на г-дин Саливан. Се разбира, очекуваме дека тоа ќе биде де факто потврдено со чекори преку дипломатски канали, а потоа може да се разгледаат предложените формати за дијалог“, изјави Песков.

Видете и ова: САД и Русија престанаа да разменуваат податоци за нуклеарното оружје

Новиот Договор „СТАРТ“ кој беше потпишан од тогашните претседатели Барак Обама и неговиот руски колега Дмитриј Медведев во 2010 година, го ограничува бројот на стратешки нуклеарни боеви глави што САД и Русија можат да ги распоредат.

Тој стапи на сила во 2011 година и беше продолжен во 2021 година за уште пет години откако Џо Бајден ја презеде функцијата претседател на САД. Според договорот, Москва и Вашингтон се обврзани да распоредат не повеќе од 1.550 стратешки нуклеарни боеви глави и максимум 700 проектили и бомбардери со долг дострел.