Вработените од Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Агенцијата за филм и денеска, повторно како и претходно неколку дена, протестираа пред Владата. Преку мирен протест изразуваат незадоволство поради како што велат, нивните недостоинствени месечни примања.
Како што наведуваат, во Министерството за култура и Управата за заштита на културно наследство, платите на речиси 70 отсто од вработените се под просечната плата во државава, а разликата со платите на вработените на истите позиции во установите од областа на културата била и по 10.000 денари.
На протестот беше нагласено дека вработените во овие три институции бараат покачување на платите по примерот на вработените во Министерството за финансии, кои со закон се зголемија за 30 проценти.
Во Министерството за финансии претходно соопштија дека нивните плати од почетокот на оваа година се регулирани со Законот за буџети, „поради специфичните работни задачи и посебната одговорност што произлегува од работното место, односно работни задачи на вработените кои се поврзани со планирање и извршување на Буџетот за сите државни институции, треба да добиваат надополнување на редовната плата“.
Министерството за финансии претходно ја правдаше одлуката за повисоки плати со стравувањето дека ќе останат без вработени, бидејќи си давале откази, оти земале најниски плати.