Лога ќе бара екстрадиција на Груевски за девет предмети

Поранешниот премиер Никола Груевски пред Суд во Скопје, архивска фотографија.

Министерството за правда повторно ќе бара екстрадиција на осудениот поранешен премиер Никола Груевски кој доби азил во Унгарија и за осудените поранешни разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошковски чија екстрадиција ја одби судот во Грција. Министерот Кренар Лога на брифингот со новинари истакна дека разговарал со амбасадорката на Грција во Скопје од која побарал поранешните разузнавачи да бидат екстрадирани, за да може довербата на граѓаните во судството да расте.

„Недозволиво е европски држави како Грција и Унгарија да не ни помогнат во спроведување на закон“, вели Лога.

Груевски живее во политички азил во Будимпешта откако побегна по донесувањето на пресудата за случајот „Тенк“ на поранешното СЈО.

Видете и ова: Неуспешни екстрадиции - слаби докази и политички интереси

Македонските власти бараа негова екстрадиција за издржување на двегодишна затворска казна поради незаконската набавка на „Мерцедесот“ како и за обвинението за организирање на насилниот упад во Собранието од 27 април 2017 година. Судот во Будимпешта го одби барањето затоа што условите за екстрадиција не биле исполнети бидејќи поранешниот македонски премиер има статус на бегалец во Унгарија.

Ова е четврти пат како земјава се подготвува да бара екстрадиција за екс-премиерот Груевски. Секој нов министер за правда најавува барање за екстрадиција на Груевски. По барањата во 2018 и 2019 година, и тогашниот министер за правда Бојан Маричиќ поднесе барање во 2021 година.

Лога брифира дека во новото писмо кое ќе го испрати до Унгарија ќе биде наведено дека се бара екстрадиција на Груевски за да му се суди за 9 предмети и дека ако го екстрадираат ќе ге биде притворен во таканаречените „хашки ќелии“ во казнено поправниот дом „Идризово“, кои, како што вели, ги исполнуваат сите меѓународни стандарди.

„Ако побараат и други обврски да исполниме, ние сме отворени за соработка“ додаде тој.

Видете и ова: Груевски и Мијалков под санкции на САД поради корупција

Поранешните разузнавачи и обвинети за уништување на опремата за прислушување во УБК како и за организирање на настаните на 27 април 2017 во Собранието Никола Бошковски и Горан Грујевски слободно шетаат низ Грција откако грчкиот Врховен суд го одби барањето на македонскотo Mинистерство за правда за екстрадиција. Тие исто како и Груевски својата одбрана во судот ја претставуваат како политички прогон.

Од Косово се уште се чека и екстрадиција на обвинет од криминалната терористичка група која на 9 мај во кумановското Диво Насеље уби осум полицајци.

Новиот министер Лога изјави дека го побарал досието поврзано со трансфер на кумановската група кои бараат да ја одлежат казната во Косово. Тоа се луѓе кои се осудени за вооружениот инцидент во мај 2015 година во кумановско Диво Насеље каде загинаа 8 македонски полицајци. Лога вели дека нема да коментира додека не ги разгледа сите фактори поврзани со ова прашање.

„Најголем дел од тие барања не е според тоа што предвидува законот. Остануваат уште најмалку 10 чекори до нивниот трансфер во Косово. И за ова прашање ние ќе треба да имаме согласност од двете страни. Се надевам дека за овие и други прашања ќе имаме комуникација во државата, но и со Косово“, рече Лога.

Поранешен премиер, екс разузнавачи, осудени за петкратното убиство кај Смилковското езеро, осуден за насилниот упад во Собрание на 27 април, се само дел од луѓето кои со години стојат на списокот за екстрадиција во земјава.