Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто ја критикуваше политиката на Европската унија кон западен Балкан, тврдејќи дека сегашниот пристап не им помогнал ниту на Унијата ниту на регионот, особено во справувањето со илегалната миграција.
„Ако ова веќе беше домашен терен на ЕУ, би можеле многу поефикасно да се справиме со проблемите и тешкотиите на миграцијата со кои се соочуваме денес, а ЕУ би била посилна“, рече Сијарто за време на неговата посета на Сараево.
По средбата со министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина (БиХ), Елмедин Конаковиќ, Сијарто истакна дека војната во Украина донесе и глобална криза во снабдувањето со храна и дека Унгарија очекува зголемување на миграцијата.
„Запревме 265.000 мигранти минатата година на нашите јужни граници. Знаеме дека колку е подобра и поефикасна соработката во земјите од Западен Балкан, толку е поефикасно управувањето со миграцијата“, рече тој.
Тој додаде дека миграцијата е главниот столб на соработката меѓу Министерството за внатрешни работи на Унгарија и Министерството за безбедност на БиХ, а членството на БиХ во ЕУ останува насока на дејствување на Унгарија.
Министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ рече дека соработката со Унгарија е добра и без отворени прашања, а обемот на трговската соработка расте и се отвораат нови можности. Тој додаде дека разговарале и за иницијативата Отворен Балкан, како шанса за Босна и Херцеговина, која треба да биде дел од интегративниот процес.
„Блиску сме до крајот на берлинскиот процес и ратификацијата на документите, кои брзо треба да бидат потврдени во парламентите на Србија и Црна Гора. И се надевам дека и Босна и Херцеговина ќе ги ратификува тие документи, за потоа да разговараме за Отворен Балкан како нов предизвик и нова шанса“, рече Конаковиќ.