Без надзор и соодветни документи била изведена електричната инсталација во тетовската модуларна болница

илустрација

Овластениот вештак по електротехника Ирфан Шаќири на денешното рочиште за пожарот во модуларната болница во Тетово сведочеше дека електричната инсталација во болницата била изведена од двајца вработени во Клиничката болница, без никаков надзор од стручни лица. Тој посочи дека изведувањето на електричната инсталација во модуларната болница е реализиранo со недостиг на голем број на документи потребни за ваков тип на градба.

„Целокупната постапка за изведување на електричната инсталација од почеток до крај не е изведена согласно прописите и правилниците за ваков тип на градба. Самиот чин на приклучување на објектот во напонската мрежа на операторот е изведена од двајца вработени во Клиничката болница без изготвување документ, елаборат кој што е неопходен за ваков тип. Целата работа на овие двајца електричари е изведена без никаков надзор од стручни лица овластени електроинженери, овластени од нашата Комора на електроинженери“, посочи Шаќири на судењето.

Видете и ова: Продолжува судењето за пожарот во тетовската модуларната болница

Вештакот додаде дека објектот на модуларната болница бил проектиран и конструиран од компанијата „Брако“ по барање на Министерството за здравство, но кажа дека според изјавата на компанијата, нивната должност била единствено да го изготват и монтираат објектот на конкретната локација.

„Од нивна страна во делот на електричната инсталација, исто така, нема елаборат, бидејќи, како што велат, од нив никој не барал да изготват таков документ. Од нивна страна мене ми беше приложена само една шема која е битен елемент во процес на електрична инсталација, документ за сите уреди во самиот објект, но, како што ми беше посочено, била изготвена само за нивни интерни употреби, не беше валиден документ“, рече Шаќири.

Обвинетите, директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, докторот Бобан Вучевски и претставник на Клиничка болница Тетово како правно лице на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението, но не признаваат вина и дека не ги сториле делата за кои се товарат.

Судењето за пожарот во тетовската модуларна болница што се случи на 8 септември 2021 кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени почна на 7 декември лани откако од септември 2022 дотогаш судскиот процес беше неколкупати одложуван. Следното рочиште за овој случај ќе се одржи на 21 март.