Руските власти тврдат дека украински дрон паднал во московскиот регион

Дрон во близина на градот Коломна

Беспилотно летало се урна во московскиот регион, веројатно во обид да ја гаѓа цивилната инфраструктура, изјави денеска регионалниот гувернер Андреј Воробјов.

Неговата изјава доаѓа по известувањето на руското Министерство за одбрана за соборувањето на два украински беспилотни летала во јужна Русија. Украина не ја презеде одговорноста за нападите во Русија.

Руската енергетска компанија „Гаспром“ управува со централата во близина на селото Губастово, на околу 100 километри од Москва каде се урна дронот, пишува Би-би-си.

„Гаспром“ за руската новинска агенција РИА Новости изјави дека неговите операции во регионот Коломна не се прекинати.

Видете и ова: Украинa одбила над 60 руски напади во источниот регион Доњецк

Целта на дронот во Коломна најверојатно бил цивилен инфраструктурен објект, кој не е оштетен. Жртви нема, а на теренот нема штета“, објави Воробјов на платформата Телеграм.

Тој рече дека руската служба за безбедност и други надлежни органи го истражуваат случајот.

Беспилотното летало UJ-22 од украинско производство, кое има максимален домет од 800 километри, се чини дека е доволно за да стигне од источна Украина, пишува Би-Би-Си.

Антон Герашченко, советник на министерот за внатрешни работи на Украина, во вторникот на Твитер објави фотографија од дронот.

„Тоа е повеќе од 500 километри оддалечено од руската граница со Украина. Наскоро Путин може многу да се плаши да се покаже во јавноста, имајќи предвид дека беспилотните летала можат да достигнат големи растојанија“, напиша тој покрај фотографијата.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека руски борбени авиони учествувале во вежбата во вторникот, неколку часа откако воздушниот простор над Санкт Петербург беше затворен поради извештаи за неидентификуван објект.