Тројца поранешни припадници на војската на босанските Срби се осудени на затвор за силување кое го извршиле пред повеќе од 30 години за време на војната во Босна и Херцеговина во периодот 1992-1995 година. Според обвинението, тројцата мажи, додека служеле во војската на босанските Срби, силувале повеќе жени од хрватска националност во Котор Варош на 28 јуни 1992 година.
Остоја Марковиќ (57) ја доби најдолгата казна, девет години од окружниот суд во Бања Лука. Другите двајца обвинети, Босиљко Марковиќ, исто така, 57, и Мирко Божиќ, беа осудени на по седум години за злосторствата кои ги извршиле во 1992 година во градот Котор Варош во централна Босна.
Зоран Бубиќ, адвокат кој го застапува Остоја Марковиќ, ги потврди казните за балканскиот сервис на РСЕ. Бубиќ рече дека ќе биде поднесена жалба против првостепената одлука.
Преживеаните од Сараево за сличностите со војната во Украина
Остоја и Босиљко Марковиќ, кои не се во роднинска врска, моментално отслужуваат претходна казна за силување на 14-годишно девојче за време на војната. Тие беа осудени на 10 години со одлука донесена во 2015 година од Судот на Босна и Херцеговина. Тогаш, за прв пат во историјата на кривичната постапка во Босна и Херцеговина, жртвата на воено злосторство доби отштета, бидејќи на осудените им беше наложено да и исплатат отштета.