Новак - Сакаме да придонесеме за отстранување на пречките на патот на Северна Македонија кон ЕУ

Претседателот Стево Пендаровски се сретна со неговата унгарска колешка Каталин Новак во Скопје

Сакаме да придонесеме за отстранување на сите пречки на патот на Северна Македонија кон ЕУ, изјави денеска во Скопје унгарската претседателка Каталин Новак на заедничката прес - конференција со нејзиниот домаќин, претседателот Стево Пендаровски.

Таа потврди дека за време на неодамнешната посета на Бугарија на средбата со колегата Румен Радев разговарале и за спорот на релација Софија - Скопје, со цел, како што вели, да се запознае со ставовите на двете страни.

„Сакаме долгорочно да придонесеме кон тоа да ги отстраниме сите пречки во натамошниот процес на интеграциите во ЕУ. Како што бевме еден од најголемите поддржувачи на Македонија на патот за зачленување во НАТО и сега веќе Македонија е членка на НАТО, се надеваме дека наскоро можеме да ја поздравиме Северна Македонија и во ЕУ. Ние ќе се обидеме доколку имаме каква било можност да придонесуваме на тоа, овие меѓусебни несогласување што побрзо да се расчистат“, рече Новак на новинарско прашање дали со Радев разговарале за односите на Софија и Скопје.

Новак се сретна и со премиерот Димитар Ковачевски.

Бугарија ги блокира македонските евроинтеграции поради историски и идентитетски спор. Услов за продолжување на преговорите е внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав, за што во моментов го нема потребното двотретинско мнозинство.