ИО на СДСМ реши да продолжат разговорите со Алијанса за Албанците

СДСМ лого

Извршниот одбор (ИО) на владејачкиот СДСМ синоќа едногласно донесе одлука да продолжат разговорите со Алијанса за Албанците за влез на оваа партија во владината коалиција. Понатамошните разговори со партијата ќе ги води работна група во која покрај премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, ќе учествуваат и генералниот секретар на партијата Миле Зечевиќ, членот на Централниот одбор и министер за земјоделство Љупчо Николовски, и координаторот на пратеничката група на социјалдемократите Јован Митрески. Извршниот одбор на СДСМ смета дека соработката со Алијансата ќе даде додадена вредност за граѓаните од повеќе причини.

Видете и ова: Огромни шанси за влегување на Алијанса за Албанците во влада

Меѓу нив, како што изјави портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска по завршувањето на седницата на ИО, е тоа што ваквата соработка ќе помогне во борбата против корупцијата, во забрзување на економскиот развој и напредок на државата, во зголемување на ефикасноста во Собранието со цел побрзо носење одлуки за подобрување на животниот стандард со граѓаните, во справувањето со енергетската и економската криза, како и во носењето на реформските закони од ЕУ агендата, поголема поддршка на стратешкото партнерство со САД и унапредување на добрососедските односи. Во СДСМ оценуваат дека со тоа ќе се зголеми и мнозинството во Собранието, а и ќе се направи јасна диференцијација од ВМРО-ДПМНЕ и Левица: „Ова исто така ќе значи зголемување на парламентарното мнозинство. Тоа е чекор напред за проширување на сојузот за поддршка на членството во ЕУ со сите реформи, чекори и потребни одлуки, јасна диференцијација од двете политички партии кои се против ЕУ – ВМРО-ДПМНЕ и Левица“, изјави Кузеска.