Штрајкови и протести против пензиските реформи во Франција

Протести во Франција против реформи во пензискиот систем

Француските синдикати ги повикаа граѓаните да протестираат денеска против пензиските реформи, бидејќи премиерката Елизабет Борн повтори дека нема да има разговори за зголемувањето на старосната граница за пензионирање. На првиот голем митинг на 19 јануари против непопуларната реформа, повеќе од милион луѓе се собраа низ Франција. Осум големи француски синдикати се надеваат дека ќе соберат голем број против „нефер реформите“. Синдикатите, како и опозициските партии, левицата и екстремната десница, го отфрлаат предлогот да се пензионира на 64, наместо на 62 години.

Видете и ова: Пензионирање подоцна - Непопуларно за работниците, неопходно за фондот

Лидерката на екстремната десница во парламентот Марин Ле Пен оцени дека, како што стојат работите во моментов, можно е пензиската реформа да не биде усвоена во парламентот. Министерот за транспорт Клемент Боун изјави дека во вторник се очекуваат прекини во железничкиот сообраќај и во јавниот превоз во Париз. Синдикатите го најавија следниот протест и штрајкови од 6 февруари. Потоа беа најавени штрајкови во пристаништата, рафинериите и електраните. Предлог-законот за пензиската реформа денеска ќе пристигне во парламентот, каде прво ќе се разгледува на комисија. Поднесени се над 7.000 амандмани, главно од левицата.