Чешкиот претседател во заминување ја посочи Србија за посредник меѓу Русија и Украина

Чешкиот претседател во заминување Милош Земан и неговиот српски колега Александар Вучиќ.

Чешкиот претседател во заминување Милош Земан изјави дека одбивањето на Србија да воведе санкции против Русија може да биде предност за можната улога на земјата како посредник во војната во Украина.

Говорејќи денеска во Белград, Земан рече дека „посредникот не смее јасно да стои на едната или на другата страна“, што ја прави позицијата на Србија потенцијална предност.

Земан, кој зборуваше на заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ, рече дека Кина и Турција се другите земји кои можат да бидат посредници во војната.

Турција неколкупати формално понуди да посредува меѓу Русија и Украина. Нема индикации дека која било страна во конфликтот е подготвена да прифати какви било понуди за посредување.

Вучиќ рече дека и тој и Земан ја осудуваат руската инвазија на Украина, додавајќи дека Србија е единствена во Европа што не воведе санкции кон Русија.

„Тоа никогаш не го криеме“, рече Вучиќ.

Истовремено најави поголема хуманитарна помош и поддршка за Украина.

„Ќе учествуваме во изградбата на одредени градови и населени места во Украина. Веќе добивме понуда од нивниот амбасадор“, рече Вучиќ.

Видете и ова: Павел победи на претседателските избори во Чешка


Наследникот на Земан, пензионираниот чешки армиски генерал Петр Павел, беше избран на 28 јануари во вториот круг на гласање. Павел победи по кампањата во која имаше силна поддршка за НАТО и Европската унија и поддршка за помошта за Украина.