Во руските воздушни напади врз Украина најмалку 11 жртви

Оштетен објект од напад врз Киев.

Украинските власти соопштија дека во денешниот бран руски воздушни напади врз главниот град Киев и другите градови загинале најмалку 11 лица. Портпаролот на Државната служба за вонредни состојби, Олександр Хорунжиј, додаде дека уште 11 лица биле повредени во, како што рече, „терористички напади со беспилотни летала и проектили“.

Тој додаде и дека се оштетени 35 згради од кои повеќето во регионот на Киев. Според него, украинските одбранбени сили успешно пресретнале 47 од 55 руски ракети од воздух и море истрелани од регионот на Црното Море. РСЕ не може самостојно да ги потврди тврдењата на на двете страни на бојното поле во повеќето области.

Видете и ова: Западните тенкови „витални“ во обидот на Украина да ги истера руските сили

Новите ракетни напади се случија по говорот на претседателот Володимир Зеленски по само неколку часа откако Германија и Соединетите држави ветија дека ќе му дадат напредни борбени тенкови на Киев. Тој притоа ги повика западните сојузници на Киев да испорачаат ракети со долг дострел и воени авиони за да ја зајакнат воздушната одбрана на Украина.