„02 Иницијатива“: Временските прилики главен фактор за квалитетот на воздухот

Аерозагадување во Скопје

Минатиот месец во Берово имало само еден ден со чист воздух, а Прилеп, Гостивар, Кичево, Тетово, Струмица, Гевгелија немале ниту еден ден воздух без ПМ2,5 честички, соопшти денеска „02 Иницијатива“. Оттаму појаснуваат дека направиле анализа со споредување на податоците за присуството на ПМ10 и ПМ2,5 загадувачки честички од сите мерни станици за декември, компарирано низ минатите години.

„Мерните места со најголем број на денови со чист воздух за ПМ 2,5 се Битола 1 (недостасуваат мерења за повеќе денови) и Миладиновци. Мерната станица Битола 1 се наоѓа на периферијата на Битола во близина на мали индустрии за производство на храна и пијалаци, на оддалеченост од 13 километри од РЕК „Битола“. Овие податоци го уриваат митот дека Битола е најзагаден град поради РЕК „Битола“, се наведува во соопштението.

Во однос на ПМ10 честичките, во Скопје и Тетово повеќе ги нема високите дневни концентрации со над 500, 600, 700, 800, 900 микрограми на кубен метар, кои беа резултат на големата индустрија која работеше без филтри, како „Макстил“, „Југохром“...

Во декември 2022 година, со исклучок на Лазарополе, дневни концентрации на ПМ10 до законски дозволените 50 микрограми на кубен метар, повеќе од половина месец имаат Миладиновци – 20 дена, Битола 1, Штип и Берово – 17 дена, Гази Баба со 16 дена и Ректорат со 15 дена.

Најмалку денови со чист воздух во декември изминативе години се измерени во Кичево, Тетово и Кавадарци.

Од „02 Иницијатива“ заклучуваат дека покрај подобрувањето на квалитетот на воздухот во Скопје и Тетово, откако големите индустрии ги поставуваат филтрите или престануваат со работа, временските прилики продолжуваат да се главниот фактор кој влијае врз квалитетот на воздухот, микроклимата, дали дува ветер или не, од кој правец, дали врне, дали има магла...