Европскиот суд и пресуди на Хрватска поради пожарот во кој загинаа мигранти

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) ја прогласи Хрватска за виновна за кршење на човековите права на мигранти. Хрватска е прогласена за виновна за пожарот во притворот на границата со Србија, во кој животот го загубија тројца мигранти пред седум години, а четвртиот, Мароканецот Абделјалил Дараибу, кој ја поднесе тужбата, беше тешко повреден.

Откако Европскиот суд за човекови права во ноември 2021 година пресуди дека Хрватска е одговорна за смртта на шестгодишната Мадина Хусина во област меѓу Хрватска и Србија во 2017 година, овој суд по втор пат ја прогласи за виновна за кршење на човековите права на илегалните мигранти.

Видете и ова: Европски суд - Хрватска да му плати 40 илјади евра на семејството на настрадано авганистански девојче


Седумчлената судска комисија на Европскиот суд, во која беше и хрватскиот судија Давор Деренчиновиќ, едногласно ја прогласи Република Хрватска за одговорна за „суштинската повреда на правото на живот“ во пожарот во притворот на полициската станица Бајаково, на граница со Србија, во март 2015 година.

Во тој пожар загинаа тројца приведени мигранти кои нелегално ја минале границата, а четвртиот, Мароканецот Абделџалил Дараибу, беше тешко повреден.

Хрватска е прогласена за виновна и за „процедурална повреда на правото на живот“, односно поради недоволната и неефикасна истрага на целиот случај со цел да се поправат недостатоците и да се спречи повторување на вакви настани.

Видете и ова: Совет на Европа: Хрватската полиција тепала мигранти


Европскиот суд на подносителот на тужбата му досудил 15.000 евра надомест за нематеријална штета и 5.000 евра за трошоци на постапката.

Судот утврди дека Хрватска е одговорна што не го бил извршен детален претрес на приведениот мигрант и не ја пронашла запалката што ја користел, а со која бил причинет пожарот.

Таа одговара и за тоа што двајцата полицајци не вршеле ефикасен надзор - ниту лично, ниту преку постоечките видео камери, а просторот каде што биле приведени бил целосно несоодветен и без противпожарен излез. Хрватска е одговорна затоа што имала обврска да се грижи за безбедноста на лицата во притвор.