Одложено судењето за пожарот во тетовската модуларна болница

Пожарот во модуларната болница во Тетово.

Судењето за пожарот во тетовската модуларна болница е одложено поради отсуството на еден од обивнетите, поранешниот економски директор на тетовската болница Артан Етеми. Наредното рочиште е закажано за 31 јануари.

Судијата Јордан Велковски изјави дека обвинетиот Етеми е отсутен поради смртен случај. На денешното рочиште беше предвидено да се презентираат вербални докази од сведоци кои се на предлог на обвинителите.

Поголема група граѓани повторно се собра да му даде поддршка на докторот Бобан Вучевски, кој е еден од тројцата обвинети. Според нив Вучевски е неосновано обвинет.

На последното рочиште на 27 декември 2022 претставниците на Основното јавно обвинителство Тетово ги презентираа насловите од писмените докази кои се доставени со обвинителниот акт до Судот.

Видете и ова: Продолжува судењето за пожарот во тетовската модуларната болница

Судењето за пожарот што се случи на 8 септември 2021 кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени почна на 7 декември 2022 откако од септември 2022 до тогаш судскиот процес беше неколку пати одложуван.

Обвинетите, директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, докторот Бобан Вучевски и претставник на Клиничка болница Тетово како правно лице, на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението, но, не признаваат вина и дека не ги сториле делата за кои се товарат.