Кремљ ги негираше гласините за втор бран на мобилизација

Дмитриј Песков седи пред екран на кој е прикажан рускиот претседател Владимир Путин.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги демантираше гласините за можен втор бран на мобилизација во Русија.

„Примарниот извор на информации се властите на чело со претседателот на Руската Федерација. Не треба да обрнуваме толку внимание на каналите на Телеграм“, им рече Песков на новинарите.

На крајот на октомври, Москва објави крај на регрутирањето како дел од таканаречената „делумна мобилизација“ кога, според министерот за одбрана Сергеј Шојгу, била исполнета целта за регрутирање 300.000 војници.

Видете и ова: Кремљ ги отфрли украинските тврдења дека Русија бара од Европа мировен договор

Кремљ, исто така, го отфрли тврдењето на Украина дека висок руски функционер им ја предал на европските претставници идејата за потенцијален мировен договор во Украина.

Олексеј Данилов, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, на 5 јануари на јавната телевизија изјави дека заменик-шефот на претседателската администрација на Русија, Дмитриј Козак, се состанува со европски претставници во обид да го принуди Киев на „неповолен мировен договор“.

Песков го опиша тврдењето како „уште една лага“.

Тој додаде дека новите испораки на западно оружје за Киев „ќе ги продлабочат страдањата на украинскиот народ“ и нема да го сменат текот на конфликтот.

„Оваа понуда нема да може ништо да промени“, изјави Песков за новинарите.