Путин подготвен за преговори ако Украина ја прифати „новата територијална реалност“

КАЗАХСТАН - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со рускиот претседател Владимир Путин на маргините на Конференцијата за интеракција и мерки за градење доверба во Азија на 13 октомври 2022 година

Рускиот претседател Владимир Путин му рекол на својот турски колега Реџеп Таип Ердоган дека е отворен за дијалог со Украина доколку Киев прифати дека териториите окупирани од Москва се руски територии, соопшти Кремљ на 5 јануари.

„Путин уште еднаш ја потврди својата подготвеност за сериозен дијалог, под услов властите во Киев да ги исполнат барањата кои се веќе поставени и се познати“, се вели во соопштението на Кремљ.

Од почетокот на инвазијата врз Украина, Русија окупираше делови од источниот и јужниот дел на земјата. Кремљ тврди дека ги анектирал регионите Доњецк, Луганск, Запорожје и Керсон, иако не ги контролира целосно овие региони.

„Руската страна ја нагласи деструктивната улога на западните земји кои доставуваат оружје и воена опрема за режимот во Киев и му обезбедуваат оперативни информации“, се наведува во соопштението од 5 јануари.

Шефот на НАТО предупредува да не се потценува Русија

Во меѓувреме, според официјалното соопштение на Анкара, Ердоган побарал од Путин да прогласи „едностран“ прекин на огнот во Украина.

„Претседателот Ердоган рече дека повиците за мир и преговори мора да бидат поддржани со едностран прекин на огнот и визија за праведно решение“, соопшти кабинетот на Ердоган по телефонскиот разговор меѓу турскиот и рускиот лидер.

Во четврток се очекува Ердоган да има телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Турскиот лидер ги искористи добрите односи што ги има со Москва и Киев за да се обиде да посредува за завршување на војната што Русија ја започна на 24 февруари 2022 година. Турција беше домаќин на две рунди мировни преговори и исто така помогна да се постигне договор поддржан од Обединетите нации за обновување на извозот на жито од Црното Море од Украина.