Косово дозволи посета на српскиот патријарх Порфириј

Поглаварот на Српската православна црква г. Порфириј

Патријархот на Српската православна црква (СПЦ), Порфириј доби дозвола да го посети Косово, како дел од подготовките за православниот Божиќ, кој се слави на 7 јануари. Од кабинетот на косовскиот премиер Албин Курти соопштија дека позитивно одговориле на барањето за посета на патријархот.

Патријархот Порфириј најави дека ќе дојде на граничниот премин меѓу Косово и Србија во четврток, на 5 јануари и дека сака да влезе без своите телохранители, иако не побарал дозвола за посетата како што е предвидено во постоечкиот договор, стои во соопштението од кабинетот на Курти.

Во соопштението се наведува и дека најавата на Порфириј дека ќе влезе во Косово без телохранители е „уште еден доказ дека Косово е побезбедна земја од Србија“.

Патријархот Порфириј планираше да го посети Косово на крајот на декември. Сепак, Министерството за надворешни работи и дијаспората на Косово поставија некои услови пред да му биде дозволено да го посети Косово.

Патријарх Порфириј – Замислете да му забранат на Папата да влезе во Ватикан

Министерството за надворешни работи тогаш соопшти дека од него било побарано да ги осуди или да се воздржи од „дејствата на членовите на црквата кои даваат поддршка на криминалните групи на северот на Косово“, кои се „одговорни за барикадите“ кои биле таму во претходните денови.

Српските власти тогаш објавија дека на поглаварот на СПЦ му е забранет влез во Косово. Порфириј планираше да остане на Косово од 26 до 28 декември 2022 година, во услови кога растат тензиите меѓу Косово и Србија.