Фон дер Лајен по разговорот со Зеленски: ЕУ останува со вас, колку што е потребно

Средба на претседателот на Украина, Володимир Зеленски и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во Киев, 15 септември 2022 година

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска ја повтори категоричната поддршка на Европската унија за Украинците „колку што е таа потребна“ за да се запре 10-месечната инвазија на Русија, истакнувајќи дека го имала својот прв повик за новата година со украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

„Ја пренесов мојата сесрдна поддршка и најдобри желби за 2023 година на украинскиот народ“, напиша Фон дер Лајен на Твитер.

„ЕУ останува со вас, толку долго колку што е потребно“, додаде таа.

Видете и ова: 2022: Светот на раб на нова светска војна

Фон дер Лајен имаше повеќекратни посети на Киев откако десетици илјади руски војници се прелеаја преку украинската граница од Русија и Белорусија кон крајот на февруари во најголемата странска инвазија во Европа од Втората светска војна.

Нападот наиде на цврста одбрана на Украина на нејзината територија и невидени меѓународни санкции кон Москва и Русите.

„Ја поддржуваме вашата херојска борба“, напиша фон дер Лајен, опишувајќи ја како „борба за слобода и против брутална агресија“.

Таа ја наведе континуираната „силна финансиска помош“ за Украина и рече дека дистрибуцијата на пакетот за поддршка од 18 милијарди евра ќе започне „наскоро“.

Видете и ова: Зеленски поканет на самитот на ЕУ- Украина во февруари


Исто така, додаде дека хуманитарните напори оваа зима ќе вклучат „генератори, светилки, засолништа, [и] училишни автобуси“.

Фон дер Лајен наведе дека со нетрпение очекува повторно да се сретне со Зеленски, „наскоро во Украина“.

Руската воена инвазија во Украина започна лани, на 24 февруари, што резултираше со голем број ранети и убиени, како и милиони раселени лица во Украина и надвор од нејзините граници.