Курти бара поголемо присуство на НАТО во Косово

Косовскиот премиер Албин Курти

Косовскиот премиер Албин Курти бара зголемување на бројот на војници и на опрема на воената мисија на НАТО во Косово, КФОР, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во интервју за германски „Ди Велт“ кое денеска го пренесуваат приштинските медиуми, Курти вели дека зголеменото присуство на НАТО во Косово ќе придонесе за зачувување на мирот, не само во земјата, туку и во целиот Западен Балкан.

„Зголемување на бројот на војници во мировните сили на НАТО, КФОР, би претставувало значајна поддршка на нашите заложби од одбранбен аспект,“ изјави Курти.

Во Косово во моментот има околу 3.800 војници на КФОР, од кои 70 се од Германија. Според одлука на германскиот Бундестаг, во случај на потреба од таа земја во Косово можат да се испратат по итна постапка до 400 војници.

Видете и ова: Договор со недоверба: отстранување на барикадите на северот на Косово

Ситуацијата во Косово минатите недели беше мошне тензична, откако косовските Срби во северниот дел на земјата, населен со мнозинско српско население, поставија блокади на патните правци кон граничните премини со Србија, Јариње и Брњак. Освен тоа имаше напади со шок-бомби, но и со огнено оружје, врз припадници на полицијата, новинари, но и врз патрола на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС.

Барикадите во северно Косово беа подигнати на 10 декември, во знак на протест поради апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција, Дејан Пантиќ, кој се сомничи дека организирал напади со експлозивни направи и огнено оружје врз општинските изборни комисии и врз полициски патроли во тој дел од Косово.

На 28 декември Пантиќ беше ослободен, откако мерката 30-дневен притвор му се замени со мерка куќен притвор, по што утредента барикадите беа отстранети.