Пендаровски: За да ја достигнеме заедничката цел, потребна ни е посветеност и надеж

Стево Пендаровски

„Ви посакувам подобра и помирна година што доаѓа,“ вели претседателот на државата Стево Пендаровски во новогодишната честитка до македонските граѓани. Тој истакнува дека државата е домот што можеме да го градиме само заедно, сплотени околу визијата за хумано, праведно и просперитетно општество во кое ќе има место за сите.

„Во годината што измина бевме сведоци на безбедносни, економски и енергетски предизвици кои ја зголемија нееднаквоста и го зголемија стравот за долгорочната стабилност. Сепак, изминатата година бевме сведоци и на хуманоста на луѓето со добра волја кои покрај за своите, се грижеа и за потребите на другите. Овие херои на солидарноста донираа храна, облека и лекови и го подарија своето време и внимание за да ги поткрепат оние на кои им е најпотребна помош. Многумина од нив активно се застапуваа за социјална правда и за општество со еднакви можности за сите. Враќајќи ни ја надежта во општото добро, тие нѐ потсетуваат дека сме си потребни едни на други и дека сме одговорни едни за други,“ се вели во честитката на претседателот Пендаровски.

Видете и ова: Подобра година ветија функционерите во честитките до граѓаните

Шефот на државата порачува дека „за да ја достигнеме заедничката цел кон која се стремиме уште од почетокот на македонската независност, потребна ни е посветеност и надеж дека ќе биде подобро.“

Ветувања за подобрување на животниот стандард испрати и државниот врв во новогодишните честитки до граѓаните.

Премиерот Димитар Ковачевски порача дека државата во 2023 година ќе продолжи да напредува и да ги остварува целите и ќе биде подобра за граѓаните. Претседателот на Собранието, Талат Џафери во новогодишна честитка до граѓаните вели дека треба да се насочиме кон обединување на општеството.