Путин и Кси разговараа, Вашингтон загрижен

илустрација

Соединетите Држави се загрижени за врските на Кина со Русија, објави Стејт департментот веднаш по разговорите меѓу рускиот и кинескиот претседател на 30 декември.

„САД се загрижени за поврзувањето на Кина со Русија додека Москва ја продолжува инвазијата на Украина“, соопшти американскиот Стејт департмент откако рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Кси Џинпинг одржаа видео средба.

„Пекинг тврди дека е неутрален, но неговото однесување јасно покажува дека се уште инвестира во блиски врски со Русија“, изјави портпаролот на Стејт департментот, додавајќи дека Вашингтон „внимателно ги следи активностите на Пекинг“.

Видете и ова: Какво е руско-кинеското партнерство по состанокот Си-Путин

Рускиот претседател Владимир Путин во петокот изјави дека очекува кинескиот претседател Кси Џинпинг да допатува во државна посета на почетокот на следната година, што ќе биде јавен знак на солидарност од Пекинг бидејќи руската инвазија на Украина попушта, пренесува Ројтерс.

Сепак, кинеското официјално објавување на видеоповикот меѓу двајцата лидери ги истакна разликите во пристапот кон нивниот сојуз. Имено, тие не ја споменаа таа посета и нагласија дека Пекинг, кој одби да ја поддржи или осуди руската инвазија, ќе ја задржи својата „објективна и правична“ позиција.

Двајцата потпишаа „неограничено“ стратешко партнерство во февруари, засновано на заедничка недоверба кон Западот, неколку дена пред Русија да ги испрати своите вооружени сили во Украина.