Подобра година ветија функционерите во честитките до граѓаните

Дедо Мраз со златна кутија

Ветувања за подобрување на животниот стандард испрати државниот врв во новогодишните честитки до граѓаните.

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека државата во 2023 година ќе продолжи да напредува и да ги остварува целите и ќе биде подобра за граѓаните. Тој вели дека целото негово знаење и искуство ќе го искористи за подобрување на животниот стандард.

„Оваа зима се погриживме сите македонски домови да се топли, исто како и овој. А тука сме да се погрижиме да има и доволно храна на сечија празнична трпеза“, вели премиерот.

Видете и ова: Новогодишните честитки заглавија во пошта

А, најголем предизвик во неговиот живот, вели тој, било носењето на „тешки одлуки за нашата европска иднина“.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери во новогодишна честитка до граѓаните порача дека треба да се насочиме кон обединување на општеството. Треба да се надминат вештачките поделби по етничка, верска и партиска припадност и фокусот да се стави на напредок на евроинтеграциите, на подобрување на животниот стандард и на подобро и поквалитетно образование за младите, вели Џафери.

И други функционери испратија празнични честитки до граѓаните.