Радев ќе им даде мандат за влада на „Продолжуваме со промената“

Николај Денков, кандидат за премиер на Бугарија.

Бугарскиот претседател Румен Радев на 3 јануари ќе го врачи вториот мандат за формирање влада на кандидатот за премиер, именуван од втората по големина пратеничка група во Парламентот – „Продолжуваме со промените“, соопшти синоќа Кабинетот на бугарскиот претседател.

„Продолжуваме со промени“ за премиер го предложи Николај Денков, кој беше министер за образование во последната влада предводена од оваа партија.

„Продолжуваме со промените“ на поранешниот премиер Кирил Петков беше на власт во Бугарија од декември лани до август годинава.

Бугарскиот Парламент на 12 декември не ја даде потребната поддршка за кабинет предложен од политичката партија ГЕРБ со премиер Николај Габровски.

Видете и ова: Бугарското собрание го отфрли предлогот за влада на Габровски

ГЕРБ победи на предвремените избори на 2 октомври, четврти во последните 18 месеци, но досега не успеа да обезбеди мнозинска поддршка за технократската влада што ќе ја предводи Габровски.

Државата има три обиди да формира влада, доколку и тие не успеат, претседателот Радев треба да закаже предвремени избори во рок од два месеца.

Државата со скоро 7 милиони луѓе е во политички ќорсокак од 2020 година, кога ја потресоа големи протести поради незадоволството на јавноста од повеќегодишната корупција.